Колумна: Луѓето се срцето на секоја трансформација

Промената е законот на животот. Ако гледаме само во минатото или се држиме за сегашноста, ризикуваме да ја пропуштиме иднината. Ова не е само филозофска мисла, ова е реалност што секој од нас ја чувствува, особено кога сме дел од организација што се трансформира.

Пишува: Ирена Спасовска, корпоративен директор за интерна ревизија и контрола на трошоци во „Малиќи груп“

Во моето повеќедецениско искуство во менаџмент и финансии одамна заклучив дека за да се постигнат посакуваните бројки, потребни се луѓето. Тие се најголемиот двигател и најсилниот капитал на една компанија. Луѓето кои не се плашат од нови предизвици, тие кои сакаат да учат, кои ги зачувуваат старите вредности но исто така се отворени да прифатат и нови, кои се адаптираат и ја споделуваат визијата. Луѓето се тие што ја претвораат стратегијата во акција, тие се срцето што ја одржува промената жива.

Природно е секоја трансформација да буди отпор и неизвесност. Но, кога комуникацијата е транспарентна, целите се јасни, а културата се гради врз доверба и тимски дух, тогаш отпорот се претвора во енергија. Енергија што го движи напред не само бизнисот, туку и секој поединец.

Големината на една организација не се мери само по резултатите, туку и по тоа колку успева да ги вклучи своите луѓе во сопствената иднина. Вистинската трансформација е создавање средина каде што секој вработен, компаниската визија ќе ја прифати како своја визија, каде што се негува емпатија, каде секој ќе биде ценет без разлика на позиција, боја или вероисповед и секој ќе биде слушнат и охрабрен да расте.

На нас е да го направиме првиот чекор. Првиот чекор за да тргнеш напред е одлуката дека нема повеќе да стоиш во место. И кога ќе се направи тој чекор, се гледа дека иднината не е нешто далечно. Tаа е тука, создадена од сите нас, заедно, со срце.

Промената не е крај, таа е нов почеток. А секој почеток кој има срце, има и иднина.

*Текстот е превземен од InStore https://instore.mk/record/50/17856/koj-se-grizhi-za-ubavoto-iskustvo-na-vrabotenite-vo-FMCG-industrijata?